Бруно Шулц е роден во градот Дрохобич во Австро - Унгарија (денес Укараина ), претежно населен со Евреи и поголемиот дел од животот го поминал во родниот град, работејќи како наставник по цртање во гимназија. Тој бил син на Хенриета и на Јаков Шулц, трговец со текстилни материјали. Во нивниот дом не се негувала еврејската традиција и се зборувало само на полски јазик. Семејството Шулц живеело во куќата со број 10 која се наоѓала на главниот плоштад во Дрохобич при што членовите на семејството живееле на катот, а на приземјето се наоѓала нивната продавница. Токму во таа куќа се одвива дејството во расказите од збирката „Продавници со боја на цимет“, во која еден од главните ликови е неговиот татко Јаков. Бруно Шулц студирал архитектура во Лавов, а за време на втората светска војна бил одведен во гетото во Дрохобич, каде бил убиен на улица од страна на еден нацистички офицер, на 19 ноември 1942 година.