Методи Манев е роден на 25 јануари 1953 година во с. Амзабегово, Св. Николе, во работничко семејство. Завршил Филолошки факултет, група Историја на книжевностите на СФРЈ со македонски јазик. На истиот факултет магистрирал на темата „Митолошките елементи во прозата на Славко Јаневски“, а подоцна и докторирал на тема: „Поезијата и поетиката на Арсени Јовков“. По кратко боледување починал на 21 ноември 2008 година во Св.Николе. Има работено како професор по Македонски јазик и литература во Пробиштип и Свети Николе, бил носител на повеќе јавни функции, а 15 години бил директор во Домот на културата во Свети Николе. При тоа активно учествувал во реализацијата на над 1000 програмски содржини - голем дел од нив со национални и меѓународни димензии и вредности. Бил претседател на Заедницата на Домовите на културата на Република Македонија.