Благој Зашов е роден на 20.02.1945година во Кочани. Завршил
Правен факултет во Скопје. Специјализирал меѓународно право и меѓународни
односи на универзитетите во Загреб (Хрватска) и Париз 2 (Сорбона). Дипломат
од кариера, кој својата работа ја почнал во 1973 година во Секретаријатот за
односи со странство на Република Македонија во кој работи до 1986 г. кога е
именуван за помошник на министерот за односи со странство.
Од 1986 до 1990 година бил конзул на поранешна Југославија во Лион (Франција),
ангажиран од дипломатските кадри од Република Македонија. Од летото 1990
до почетокот на 1993 година работи во Министерството за односи со странство
како специјален советник за Европската унија и Советот на Европа. Во
февруари 1993 година, како еден од првите македонски дипломати, упатен е во
дипломатска служба во Стразбур (Франција) како постојан претставник на
Република Македонија во Советот на Европа. Таму останува до август 1996 година.
На 4.12.1996 година повторно заминува во дипломатска служба за да ја отвори
македонската амбасада во Букурешт. До 24.6.1998 година е министер советник и
вршител на работите во Амбасадата на РМ. Од 25 јуни 1998 година до 31 јули 2002
година е вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Букурешт
(Романија). По враќањето од Романија уште четири години работи во
Министерството за надворешни работи задолжен за секторите за меѓународно право и
дипломатска едукација. За време на изборите во 2006 година е носител на листа
во третата изборна единица од Нова социјал-демократска партија при што е избран
како пратеник. Во Собранието на Република Македонија е: заменик
претседател на Комисијата за европски прашања, член на Законодавно-правната
комисија, член на Комисијата за надворешна политика, прв заменик претседател на
Франкофонската секција при Собранието и заменик шеф на Делегацијата на РМ во
Парламентарното собрание на Советот на Европа.Во 1991 година е еден од
основачите на Европското движење на Република Македонија. Тој е и еден од
основачите на Школата за политика која работи во рамките на мрежата на школи за
политика на Советот на Европа. Автор е на книгата “Македонија и Советот
на Европа”, објавена 2005 година.