Галев е роден во струмичкото село Сачево на 11 февруари 1943 година. Основно
образование завршил во родното место, а учителска школа во Штип во 1963 година.
Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1968, каде што магистрирал
(1979)
и докторирал на тема „Слободата на договарањето како еден од основните
принципи на договорното (облигационо) право во социјалистич ка Југославија“
во 1989 година.
Во 1971 година бил избран за асистент, во 1979 за предавач,
во 1989 за
доцент, во 1994 за
вонреден и во 1999 година
за редовен професор на областа „Граѓанско право и индустриска сопственост“.Бил
проректор на Универзитетот
„Св. Кирил и Методиј“ од 1996 до 1998 година и
министер за образование и наука во Владата на Македонија од 1999 до 2000 година.
Бил декан на Правниот факултет во Скопје од 2004 до 2008 година. Тој е
еден од втемелувачите на Централниот
регистар на Македонија и на Европскиот кредитен трансфер-систем
на Правниот факултет во Скопје. Бил претседател на Државната комисија за
подготовка на Законот за облигационите односи од 1998 до 2001 година и
учествувал во изработката на повеќе законски проекти од областа на
сопственичките односи, денационализацијата, залогот, договорната хипотека,
централниот регистар и високото образование. По негова иницијатива Правниот
факултет „Јустинјан Први“ станал дел од регионалните постдипломски студии по
Европското деловно право, организирани на 13 високообразовни институции
од Југоисточна Европа. Во рамките на Европскиот
кредит трансфер систем на високото образование, како декан на Факултетот, ја
промовирал и ја реализирал идејата „Учебник за секој студент“ со што
издавачката факултетска продукција била подигната на над 40 нови изданија
годишно, кои по правило се донирале на судентите. Во јули 2009станал претседател на
Комисијата за помилување. Член е на издавачкиот одбор на списанието „Правник“.